
Во напис за „Си-ен-би-си“ (CNBC), американскиот психолог Марк Траверс откри дека една реченица којашто често се користи во љубовните врски, е особено опасна. Всушност, тој вели: Поштетна е отколку што мислите.
– Врските не се распаѓаат преку ноќ. Најчесто, тие се распаѓаат под тежината на ситните грешки коишто „тивко“ се насобираат – додека не станат премногу тешки за управување. Како психолог кој проучува парови, видов многу верзии за ова. Партнерите доаѓаат во мојата канцеларија мислејќи дека нивниот проблем има врска со честите тепачки или расправии. Сепак, кога копаме подлабоко, често ја наоѓаме истата основна причина: Она што си го кажуваат во нивните кавги, вели терапевтот.
Се работи за прашањето: „Зошто не можеше да бидеш повеќе како (конкретно име на другиот / другата)?“ Токму оваа крилатица била најчеста меѓу тие „ситници“ што ја минираат љубовната врска, па дури и брачните односи.
– Ако ја користите оваа „токсична“ фраза, Вашата врска е во неволја, нагласува Траверс.
Имено, според него, таа споредба не е обично бесмислено реторичко прашање или оддишка на фрустрација сред расправијата.
– Она што паровите не успеваат да го препознаат е дека личноста која е именувана е всушност небитна, без разлика дали станува збор за поранешен партнер /-ка, девојка / момче на најдобар пријател /-ка, или дури „како што ти беше порано“… Вистинската порака секогаш ќе остане иста: „Ти не си доволен /-на! А, некој друг – кој било друг, би можел подобро да ја заврши работата како мој /-а партнер /-ка“, појасни Траверс.
Со текот на времето, овој вид на споредба може да доведе до непоправливи проблеми со несигурност. Наместо да се чувствува сакан таков каков што е, се вели, личноста која се споредува со друга личност, почнува да ја преиспитува сопствената вредност и постојано се прашува дали ги исполнува очекувањата.