Франција и Шведска го бележат најтрагичниот ден од почетокот на пандемијата

Во Франција од коронавирусот починале 1.438 луѓе во еден ден, зголемувајќи го бројот на смртни случаи на 17.167. Ова е досега најголемиот број на смртни случаи за еден ден во земјата, од почетокот на пандемијата.

Во последните 24 часа во француските болници 514 лица починале од компликации поврзани со Ковид-19, додека 924 починале во други институции, како што се старечки домови, пренесува „Ле Паризиен“.

И во Шведска денеска е регистриран најцрниот ден во однос на жртви од коронавирусот. Таму, во последните 24 часа се пријавени уште 170 смртни случаи, што е највисока бројка од почетокот на пандемијата.

Во Шведска досега како последица на Ковид-19 починаа 1.203 лица, а заразени се речиси 12.000.

Француското здравство предупредува дека најновите бројки треба да бидат земени со претпазливост, бидејќи дел од бројот на починати се соопштени подоцна поради продолжениот велигденски викенд.

Треба да знаете
Последни објави