Skip to main content
Свет

Здравствените проблеми на Вучиќ и Фицо причина за медиумски шпекулации поврзани со нивното присуство на парадата во Москва 

05/05/2025  11:48

Во пресрет на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот со воена парада на 9 мај во Москва, единствените двајца европски лидери, покрај претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кои најавија учество на овој настан, српскиот претседател Александар Вучиќ и словачкиот премиер Роберт Фицо, неочекувано ги откажаа своите активности за наредните денови, што беше причина за појава на шпекулации на социјалните мрежи, но и во некои медиуми.

MK Summit

Така, рускиот портал 360, без да понуди никакви докази, пласираше теза дека двајцата политичари можеби биле отруени за да бидат спречени да отпатуваат во Москва.

Други руски портали цитираа политички аналитичар кој оцени дека Вучиќ и Фицо можеби лажираат дека имаат здравствени проблеми од „стратешки причини“.

Вучиќ во саботата беше хоспитализиран во болницата во Белград, откако предвреме се врати од посетата на САД, поради, како што беше образложено, здравствени причини. Лекарите подоцна соопштија дека неговата состојба е стабилна, наведувајќи дека причина за хоспитализацијата бил покачен крвен притисок.

Засега сепак е неизвесно дали Вучиќ ќе отпатува за Москва. Српскиот вицепремиер Синиша Мали изјави дека конечната одлука за тоа ќе биде донесена за неколку дена.

Фицо, од другата страна, изврши измени во неговиот распоред на активности за оваа недела, при што ја откажа и најавената посета на Велика Британија, без да бидат дадени причини за промените.

Словачките медиуми шпекулираа дека ваквите промени можеби се поврзано со здравствени проблеми на Фицо, кои се последица од обидот за атентат врз него од пред една година.

Сепак, Фицо вчера одржа прес-конференција на која изјави дека неговите планови за патување во Москва на 9 мај не се променети.

На новинарско прашање за неговата здравствена состојба, Фицо одговори: „Моето здравје не е ваша работа“.

– Постојат работи поврзани со нападот што понекогаш ме спречуваат да седам во автомобил четири часа. Тоа е се што ќе кажам, изјави Фицо, негирајќи ги информациите дека не е во можност да ги извршува своите должности.

Европската Унија изминативе недели во неколку наврати им препорача на лидерите на земјите членки и на државите кандидати за членство во ЕУ да не присуствуваат на манифестациите во Москва поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа на 9 мај.

Според ЕУ, Русија ги користи ваквите настани за да ја оправда својата агресија врз Украина, па присуството на нив само ќе и даде легитимитет на руската инвазија.