Skip to main content
Свет

Цените на нафтата поевтинија

02/05/2025  20:16

Цените на нафтата паднаа во петокот на меѓународните пазари кон 61 долар, бидејќи сигналите од водечките производители за зголемена понуда ги засенија знаците за ублажување на трговскиот конфликт меѓу САД и Кина.

На лондонскиот пазар, со барелот сирова нафта попладнето се тргуваше за 85 центи пониско од вчерашната цена на затворање од 61,28 долари. Вчера го затвори со тргувањето во плус 1,07 долари.

На американскиот пазар, денеска со барелот се тргуваше по цена пониска за 93 центи, на 58,31 долари. Вчера пазарот го затвори со плус 1,03 долари.

Оргабизацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно денеска објави дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки вчера поевтинил за 1,81 долар и чинел 61,88.
Пазарното расположение во четвртокот беше обележано со одложувањето на новата рунда преговори меѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма. Претставници на Вашингтон и Техеран требаше да одржат разговори во Рим во сабота, но состанокот беше поместен за друг датум „од логистички причини“, објави Оман, кој ја презеде улогата на посредник.

Американскиот претседател Доналд Трамп истрајува со својата политика на „максимален притисок“ врз Иран, заканувајќи им се на купувачите на иранска нафта со санкции.

„Доколку администрацијата на Трамп построго ги спроведе санкциите врз купувачите на иранска нафта, понудата би можела да се намали за 1,5 милиони барели дневно“, објаснува Ендру Липоу од „Lipow Oil Associates“.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници големи независни производители предводени од Русија треба повторно да се состанат во понеделник за да разговараат за политиката на про изводство. Оваа групација позната како ОРЕС+ се подготвува да пласира значително повеќе барели на пазарот во јуни отколку што планираше, изјавија информирани извори за Reuters.

Саудиска Арабија им порачува на сојузниците и експертите од индустријата дека не е подготвена да ги поддржи цените со намалена понуда, тврдејќи дека може да се справи со продолжен период на евтина нафта, соопштија извори во четврток.

Трговците беа загрижени и од стагнацијата на активноста во американската економија во првиот квартал, според прелиминарните проценки на Министерството за трговија, објавени во среда. Во петокот, вознемиреноста стивна откако најновите податоци на Министерството за труд покажаа само мало забавување на вработеноста во САД во април. Американските работодавци создадоа нето 177.000 нови работни места во април, само малку помалку отколку во претходниот месец.

Пекинг, од друга страна, посочи дека е подготвен да преговара со Вашингтон за царините, што ги смирува стравувањата дека трговскиот конфликт меѓу двете водечки економии во светот би можел да ја забави економијата и побарувачката за енергија.

Кинеските и американските пораки за преговорите донесоа доза на оптимизам, а инвеститорите се надеваат дека односите би можеле да се подобрат. Сепак, ситуацијата е сè уште „флуидна“, може да се каже дека со царината одиме еден чекор напред, два назад“, објаснува Хари Чингуиријан.