Помпео и Нетанјаху разговараа за Ковид-19

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за коронавирусот и заложбите на двете земји за намалување и запирање на заразата.

Помпео и Нетанјаху разговараа и за „деструктивното однесување” на Иран, напиша американскиот државен секретар на Твитер.

Помпео во разговорот ја повтори непоколебливата посветеност на САД за стабилноста на Израел.

– Ние секогаш ќе стоиме со Израел, објави американскиот државен секретар.

Израелските медиуми јавија дека Помпео и Нетанјаху разговарале на првиот ден од еврејскиот празник Пасха во време на се почести повици американската администрација на Доналд Трамп да ги олесни санкциите за Иран, една од државите кои се најпогодени од новиот коронавирус.

Помпео во март навести ублажување на санкциите за Иран поради пандемијата на коронавирусот, истакнувајќи дека медицинската помош за земјата не е блокирана.

Нетанјаху, кој е противник на Иран и долго време се залагаше за остри санкции на САД против Техеран поради наводни напори за развој на нуклеарно оружје и поддршка на екстремистички организации, се воздржува од спомнување на Иран уште од почетокот на пандемијата.

Иранскиот претседател Хасан Рохани во средата побара од Меѓународниот монетарен фонд заем од пет милијарди американски долари за борба против заразата.

Но САД, кои имаат право на вето во ММФ, наводно се подготвени да го блокираат заемот, тврдејќи дека Иран ќе ги користи средствата за воени цели.

Треба да знаете
Последни објави