Skip to main content
Македонија

СДСМ: Расипништвото на власта продолжува, годинава потрошени 30.000 евра за јадење по ресторани

01/05/2025  12:40

Интегрален текст од прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Почитувани граѓани,

Денес е 1 Мај, денот кога работниците маршираат за своите права и повисоки плати. На овој ден, објавуваме нов скандал кој уште еднаш потврдува до која мера оваа власт е отуѓена од народот и длабоко заглавена во елитизам, расипништво расфрлајќи се со народните пари.

Во држава каде што работниците бројат денови до платата, министри од ВМРО-ДПМНЕ трошат десетици илјади евра – на јадење и пиење во луксузни ресторани.

Почитувани граѓани,

Верувале или не, во првите четири месеци од годинава, оваа власт потрошила над 30.000 евра во скапите скопски ресторани. Гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, а сметките кои се достапни на „Отворени финансии” се запрепастувачки. Одредени исплати се во вредност и по 3.000 евра! Ова се податоците кои се јавно достапни и ќе бидат дадени до медиумите.

Почитувани министри,

Малку ли ви беа папајата, аспарагусот и егзотичните набавки од 35.000 евра? Дали тоа не беше доволно за владата да се најаде, па требаше уште толку да се потроши и по ресторани?

Секој месец оваа година, почнувајќи од јануари, Владата трошела просечно по 10.000 евра од буџетот на кафеани, додека им објаснуваше на работниците дека 400 евра се доволни за живот. Нема пари за плати, но има за гоштевања на министрите.

Ова не е расипништво – ова е изживување. Ова не е власт на граѓаните – ова е елита што се изолирала од сопствениот народ.

Главни кафанџии според овие сметки, кои ги доставуваме до јавноста, се Дон Тимчо Муцунски, Дон Филков, сите трошаат како мафијаши, во време кога имаме најниски плати во регионот.

Замислете, дури и министерот за култура Љутков бил Дон, кој не беше кадарен да исплати плати на вработените во културата – плаќа баснословни суми по кафеани! Културните работници да знаат дека додека они немаа плати, барем министерот не бил гладен.

ВМРО-ДПМНЕ денес не е партија на народот. Тоа е затворен круг на луѓе што уживаат додека народот се бори.

Тие се изгубени во луксуз, без чувство, без срам, без контакт со реалноста. Приватни авиони, скапи ручеци, набавки на папаја и манго – ова веќе ги поминува сите граници.

Оваа власт е симбол на елитизам, ароганција и тотално отуѓување. Немаат врска со народот. Немаат совест. И очигледно, немаат намера да запрат.

На 1 Мај порачуваме:

СДСМ ќе продолжи да ја разобличува оваа власт, да ги брани граѓаните и работниците, и да се бори за нивните права.