
Студент од Кина кој престојува во Јапонија, се искачувал на познатата планина Фуџи вон официјалната сезона на планинарење… Но, занимливоста е што авантуристот, чие име официјално не се соопштува, двапати бил спасен во четири дена, бидејќи, по првото спасување, се вратил на планината за да си го земе мобилниот телефон и другите работи што ги оставил зад себе.

Кинескиот 27-годишен студент првпат бил спасен со хеликоптер минатиот вторник, на надморска височина од околу 3.000 метри, откако не можел да се симне од планината, објави „Би-би-си“.
Неколку дена подоцна, тој се вратил за да ги земе своите предмети. Но, повторно требало да биде спасуван во саботата, откако претрпел висинска болест. Момчето сега е надвор од опасност.
Поради тешките услови, на луѓето им се советува да не се искачуваат на планината Фуџи надвор од официјалната сезона на искачување. Таа почнува на почетокот на јули и завршува на почетокот на септември.
Сите патеки што водат до врвот на планината Фуџи вон сезоната, во мигов се затворени, соопшти јапонското Министерство за животна средина.
На интернет-просторот, авантуристот доби низа критики зашто ги игнорирал безбедносните прописи и совети да не се искачува на планината вон сезоната. Некои корисници велат и дека тој треба да плати за двете мисии за спасување.
Планината Фуџи, со 3.776 метри, е една од најпопуларните туристички атракции во Јапонија. Во 2023 година, на пр., меѓу јули и септември ја посетиле повеќе од 220.000 луѓе.