
САД воведоа санкции врз мрежа со седиште во Иран и Кина, која ја обвинуваат за снабдување на Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран со компоненти потребни за производство на гориво за балистички ракети, во услови на напори на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го зголеми притисокот врз Техеран.

Во соопштението од Министерството за финансии на САД се вели дека санкциите се воведуваат врз шест субјекти и шест поединци како дел од мерките преземени откако администрацијата на Трамп ги продолжи разговорите со Иран за неговата нуклеарна програма.
„Агресивниот развој на ракети и други вооружени капацитети од страна на Иран ја загрозува безбедноста на САД и нашите партнери“, изјави министерот за финансии Скот Бесант.
Санкциите се насочени кон пет компании со седиште во Кина, една компанија со седиште во Иран и шест лица кои живеат во Иран.
Министерството за финансии на САД ја обвини мрежата за олеснување на снабдувањето на Иран со натриум перхлорат и диоктил себакат од Кина.
Американските власти соопштија дека натриум перхлорат е потребен за производство на амониум перхлорат, кој, заедно со диоктил себакат, се користи во ракетните мотори на цврсто гориво. Таквото гориво, според Министерството за финансии на САД, обично се користи за балистички ракети.