Skip to main content
Свет

Конгрес на ЕПП во Валенсија: Манфред Вебер единствен кандидат за партиски лидер 

29/04/2025  07:50

Шпанскиот град Валенсија денеска и утре ќе биде домаќин на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), кој, како што се најавува, „ќе послужи како момент на единство“ за ова политичко семејство во време кога партиското раководството „се стреми да го исцрта курсот за наредните години“. 

– Конгресот ќе понуди можност за размислување, за чествување на изминатата година и за инспирација, во време кога ги почитуваме нашите минати достигнувања и се соочуваме со критични прашања, како што се војната во Украина, зголемувањето на трошоците за живот и растечките закани од популизмот и екстремизмот, се наведува во најавата за Конгресот. 

Предвидено е на Конгресот да биде избрано новото претседателство на ЕПП, односно претседател, 10 потпретседатели, генерален секретар и благајник. 

Покрај ова, делегатите на Конгресот треба и да усвојат и 20 резолуции на различни теми, од кои на една, насловена „Одговарајќи на демографската зима“, како ко-предлагач се јавува и ВМРО-ДПМНЕ. Останатите резолуции, меѓу другото, се однесуваат на јавните инвестиции, владеењето на правото, кризата со домувањето во Европа, безбедност на храната и водата, климатските вонредни состојби, миграцијата, конкурентност, систематската репресија во Венецуела, состојбите во Украина, Ерменија и Грузија, „изборниот интегритет во Албанија“, кипарското прашање, верските слободи во Белорусија и „итната потреба од ослободување на сите заложници што ги држи Хамас“. 

Единствен кандидат за претседател е актуелниот вршител на оваа функција и шеф на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, Германецот Манфред Вебер. 

Иако овој 52-годишниот Баварец не е многу познат надвор од бриселските кругови, сепак тој како лидер на најмоќната политичка партија во Европа има значително влијание за прашања поврзани со одлуките и политиките на ЕУ. 

Неговиот очекуван реизбор за втор тригодишен мандат на чело на ЕПП се предвидува дека ќе го зацврсти неговиот авторитет во партијата и ќе му обезбеди поголема моќ врз политичката агенда на континентот. 

„Ние сме камен-темелник за безбедноста и иднината на Европа“, рече Вебер во обраќањето по објавувањето на резултатите.  „Ние ѝ требаме на Европската унија“, додаде Вебер кој е долгогодишен чл

Како една од целите на Вебер, како што наведуваат партиски функционери, е да продолжи со трансформација на ЕПП во „политичка сила со мисија да ги води и поедноставува политиките на националните партии од десниот центар“. 

Вебер има имиџ на страстен европски федералист, кој постојано повикува на поблиска интеграција во ЕУ, дури и ако тоа е непопуларно, остро го критикува воведувањето на контроли на внатрешните граници во Унијата и е застапник на идејата за формирање на заеднички европски трупи кои под знамето на ЕУ би биле распоредени во мировна мисија во Украина по завршување на конфликтот. 

Неодамна тој изнесе и идеја за воспоставување на функцијата на европски претседател. – Секоја европска земја мисли дека има своја улога во светот. Но, Макрон ги претставува само француските гласови. Германскиот канцелар ги претставува само германските гласови. Конечно ни треба некој што ги претставува европските гласови, рече Вебер во интервју за баварскиот јавен радиодифузен сервис. 

Но, според неговите критичари, ваквата слика за Вебер како идеалист и федералист е во суштинска спротивност со реалноста. Според нив, откако не успеа да стане претседател на Европската комисија во 2019 година поради несогласување на дел од лидерите на земјите членки, па на оваа функција дојде Урсула фон дер Лајен, Вебер се обидува да ја претвори ЕПП во „алтернативен конзервативен центар на моќта“. 

Тој успеа да обезбеди „сопствено“ мнозинство за промена на Зелениот договор предложен од Европската комисија, со што, според неговите противници, ги поткопа зацртаните еколошки политики на ЕУ. Тоа „мнозинство на Вебер“ се покажа и при потврдувањето на членовите на актуелната Европска комисија, кога успеа да обезбеди гласови и од европратеници кои не се дел од традиционалното „мнозинството на центарот“ на конзервативците, социјалдемократите и либералите.  

Вебер раководи со партија која дава 13 од 27-те членови на Европската комисија, откако Фридрих Мерц ќе ја преземе функцијата германски канцелар ЕПП ќе има и 13 члена во Европскиот совет, а партијата ја има и убедливо најголемата пратеничка група во Европскиот парламент со 188 пратеници. 

Националните партии членки на ЕПП во голема мерка се независни во носењето одлуки, а ЕПП повеќе функционира како „лабава платформа за состаноци на национални партиски лидери“. Но, Вебер се обидува да ја трансформираа ЕПП во кохезивна политичка платформа која ќе обезбеди нејзините национални партии членки, европратениците, дипломатите и еврокомесарите да се придржуваат до иста политичка насока. 

Водечката европска политичка групација, Европската народна партија (ЕПП) денеска гласаше за поддршка на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за нејзин втор мандат, а пр

Токму на Конгресот во Валенсија, делегатите треба да усвојат реформи што водат кон „партиска централизација“ и кои, според висок партиски функционер, ќе ја направат ЕПП „попредвидлива“. 

Овие промени предвидуваат министрите, еврокомесарите и водечките европратеници на ЕНП да усогласат заеднички став пред секој состанок на Советот на ЕУ, се што, според очекувањата, ќе се обезбеди поголема ефикасност во креирањето на политиките на Унијата. 

Но, според противниците на Вебер, овие измени ќе му овозможат да партискиот лидер и да поставува свои лојални луѓе на клучните позиции во ЕПП. Како пример за тоа се посочува случајот со генералниот секретар на ЕПП, кого според партискиот Статут го предлага претседателот на партијата. Вебер сега за местото втор човек во ЕПП ја предлага лидерката на шпанската Народна партија (ПП) во Европарламентот, Долорес Монтсерат, на местото на досегашниот генерален секретар, Гркот Танасис Баколас. Се оценува дека изборот на европратеничката Монтсерат за генерална секретарка на ЕПП ќе ја зајакне политичката улога на оваа функција, но и влијанието на Вебер. Ова особено, ако се земе предвид неодамнешната изјава на Монтсерат: „Сакам да бидам политичарка лојална на мојот претседател, Манфред, секако“. 

Но, ваквиот централистички пристап на Вебер наидува на извесни негодувања и скептицизам меѓу некои на партиите членки на ЕПП. 

– Ние не сме партија, ние сме семејство на партии. Прво и најважно, секогаш сте Републиканец од Франција, член на ХДЗ од Хрватска или демохристијанин од Германија, изјави анонимен извор од ЕПП за „Еурактив“. 

Партиски функционери порачуваат дека некои национални партии би сакале на претседателот на ЕПП да му ја вратат улогата на „оператор зад сцената“, одвоен од раководството на партијата во Европарламентот, кој само би служел како „церемонијал мајстор“ за повремените партиски собири. Сепак, според нив, во ЕПП засега има слабо расположение за пружање отпор на заложбите на Вебер.