
Реал Мадрид објави доцна синоќа ново официјално соопштение, јасно наведувајќи дека тимот никогаш не ја разгледувал можноста за повлекување од финалето на Купот на кралот против Барселона, кое треба да се игра денеска на стадионот „Ла Картуха“ во Севиља.
„Нашиот клуб е свесен дека несреќните и несоодветни изјави од судиите делегирани за овој натпревар, дадени 24 часа пред финалето, не можат да фрлат сенка врз овој спортски настан од глобално значење што ќе го следат стотици милиони луѓе“, се вели во соопштението.
Реал Мадрид особено го нагласува своето почитување кон сите навивачи кои веќе допатувале во Севиља или планираат да пристигнат во градот за да го бодрат својот тим.
И покрај тензиите и, како што се наведува во соопштението на Кралскиот клуб, „очигледното непријателство и анимозитет на делегираните судии, Реал Мадрид ја нагласува својата посветеност на вредностите на фудбалот и ја потврдува својата решеност да се бори за трофејот на теренот и да го одбрани спортскиот интегритет во финалето“.
Тензиите пред денешното финале на шпанскиот Куп на кралот меѓу Реал Мадрид и Барселона дополнително се засилија откако Реал Мадрид во петокот одлучи да го откаже отворениот тренинг, прес-конференцијата и клупската вечера.
Причината за овој потег лежи во незадоволството на Кралскиот клуб од одлуката на Шпанската фудбалска федерација (RFEF), која го отфрли барањето на Реал за промена на судискиот состав за финалето.
Реал Мадрид смета дека неодамнешните изјави на судијата Рикардо де Бургос Бенгоечеа, кој треба да го суди натпреварот, ја нарушиле непристрасноста и побарале замена, но ова барање не било прифатено.
Во своето вчерашно обраќање до медиумите, Бенгоечеа рече дека критиките што доаѓаат од таборот на Реал во текот на целата сезона се штетни и за неговото семејство, наведувајќи го примерот со неговиот син на кого „во училиште му говорат дека неговиот татко е крадец“.