
На плоштадот Свети Петар во Ватикан, утрово точно во 10 часот по локално време, започна погребната церемонија за папата Франциск, кој почина во понеделникот на 88-годишна возраст. Светата миса ја предводи кардиналот Џовани Батиста Ре, деканот на колегиумот на кардиналите, исполнувајќи ја последната желба на папата за скромна и достоинствена церемонија.
На малите екрани можеа да се забележат бројни светски лидери и високи гости кои пристигнаа од сите краишта на светот за да му оддадат последна почит. Меѓу присутните се поранешниот американски претседател Доналд Трамп со сопругата Меланија, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони.
Рим денес е под силни безбедносни мерки – улиците се преполни со полиција и специјални единици, но атмосферата е тивка и облеана во тага. Илјадници верници од сите делови на светот пристигнаа за да присуствуваат на последната миса за својот духовен водач. Повеќе од 50.000 луѓе веќе поминаа покрај ковчегот на папата, а масата на присутни на плоштадот расте од минута во минута.
Церемонијата се следи во тишина и молитва, додека ковчегот на папата, поставен во едноставен дрвен ковчег, ја симболизира неговата скромност и посветеност на верата. По завршувањето на мисата, ковчегот ќе биде пренесен во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што, согласно неговата желба, ќе биде погребан без раскош, со едноставна плоча на која ќе стои само натписот „Franciscus“.
Денеска, светот се простува со папата Франциск во молк, почит и благодарност за неговото дело и духовното водство што го остави зад себе.