Skip to main content
Спорт

Лејкерси паднаа во финишот, први победи во плејофот за Милвоки и Орландо

26/04/2025  09:54

Минесота Тимбервулвс поведоа со 2:1 во плејоф серијата против Лос Анџелес Лејкерс откако победија со 116:104 на домашен терен. Првите победи во серијата од првото коло од плејофот ги забележаа Орландо и Милвоки.

Тимбервулвс во првиот натпревар во Минеаполис го одбранија брејкот направен во Лос Анџелес.

Натпреварот беше полн со пресврти. По почетното водство на Лејкерси од три поени, Минесота ја презеде контролата врз резултатот во првата четвртина со серија од 11-0, во која имаше предност од осум поени. Нов пресврт се случува во втората четвртина. Лејкерси поведуваат со серија од 13-3, која ја држеа до полувремето, кога заминаа со водство од 58:54.

Подобриот почеток на третата четвртина за Минесота му го врати водството на домаќинот. Тимбервулвс поведоа со 85:78, но следеше нова серија од 8-1 на Лејкерси и на самиот почеток од четвртата четвртина стигнаа до израмување 86:86.

Тоа беше моментот во кој гостите последен пат имаа позитивен резултат, бидејќи Минесота постигна пет брзи поени, а потоа ја зголеми разликата на +12.

Во победничкиот тим, најистакнати беа МекДениелс со 30 поени и Едвардс со 29, кои додадоа и осум скока и асистенции. На другата страна, Леброј Џејмс постигна 38 поени со 10 скока. Ривс го следеше со 20, додека Лука Дончиќ успеа да постигне 17 поени, шутирајќи 6/16 од поле и 2/8 за тројки. Тој забележа осум асистенции и седум скока, но исто така го водеше тимот по број на изгубени топки – пет.

Четвртиот натпревар помеѓу Минесота и Лејкерси исто така се игра во Минеаполис во недела навечер во 21:30 часот.

На Истокот, во сериите Бостон-Орландо и Индијана-Милвоки, домашниот терен засега е задржан. Орландо, по голема борба и пред сè со одлична игра во третата четвртина, која ја доби со 24:11, успеа да забележи победа од 95:93 и да го намали актуелниот шампион Бостон на 2:1 во серијата.

Милвоки го стори истото против Индијана. Бакс славеа со 117:101 и ја намалија серијата на 2:1. Јанис Адтетокунмпо постигна 37 поени, 12 скока и шест асистенции, а Гари Трент исто така имаше 37 поени.