Skip to main content
Хроника

Нов напад врз социјален работник во Скопје – фрлани предмети кон вработените, искршен бил и инвентарот

25/04/2025  17:38

Тетовец во текот на вчерашниот ден физички нападнал вработен во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје.

Нападнатиот е 41-годишен социјален работник, кој бил на своето работно место.

Тетовецот кој упаднал во установата оштетил и дел од инвентарот, фрлал тврди предмети и им се заканувал и на другите вработени.

Од МВР велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.

Она што загрижува е што ова се случува по само еден месец откако беше застрелана социјална работничка во Прилеп, што предизвика протести ширум земјата. Зад овој напад стоеше 50 годишен маж, кој претходно побегнал од Психијатриската болница во Демир Хисар. Социјалната работничка беше префрлена во прилепската болница со прострелна рана, но надвор од животна опасност. Напаѓачот за кој подоцна се дозна дека подолго време ја демнел жртвата, беше приведен.

Социјалните работници кои долго алармираат дека се незаштитени, по овој настан излегоа на протести, барајќи нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.

На овие протести беше истакнато дека вработените во Центрите за социјална работа секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност, а недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работат сериозно го загрозува не само нивното физичко и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуват.