Skip to main content
Македонија

Интерпелацијата за Тошковски се очекува да биде на пленарна на 29 април

24/04/2025  12:32

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите информира дека на следната пленарна седница која треба да се одржи на 29 април се очекува да биде ставена интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица.
Уште тече рокот по Деловникот каде министерот може да даде писмен одговор, па во однос на тоа да ја закажеме седницата. Ако нема одговор уште два-три дена, ќе треба да ја закажеме најбрзо што може, односно на првата наредна седница. Очекуваме дека на 29-ти може да се реализира таа седница каде што прва точка на дневен ред ќе биде интерпелацијата, рече Гаши.

-Причина за интерпелацијата е поради тоа што Тошковски, од позиција на министер за внатрешни работи, грубо ја занемарил и несоодветно ја извршувал својата јавна функција, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР, рече пратеникот на Левица, Сашко Јанчев на 14 април кога информираше дека ја поднесуваат интерпелацијата.

Спикерот најави презентација на две софтверски алатки кои, како што посочи, ќе бидат во насока на подобрување на дигитализацијата во Собранието како процес.

-Тоа е еден процес подолгорочен, еден од врвните приоритети на Собранието. Веќе имаме конкретни решенија. Во Собранието веќе имаше презентација на две нови алатки, софтвери, кои ќе бидат во насока на подобрување на дигитализацијата во Собранието како процес, а ќе бидат на корист на сите граѓани и особено на новинарите според мене. Кон средината на мај сакаме да организираме една презентација на двата софтвери во Собранието, за кога и очекуваме да организираме една многу висока конференција, многу битна околу дитигализацијата каде ќе има врвни експерти од Естонија, САД, итн, нагласи Гаши.