Skip to main content
Македонија

Општина Велес од буџетот ќе издвои 500 илјади денари за настраданите во пожарот во Кочани

23/04/2025  15:47

Сoветот на Општина Велес на вчерашната 63 седница донесе одлука да се издвојат 500 илјади денари за помош на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Издвоените пари од општинскиот буџет ќе бидат уплатени на сметката на солидарна помош при македонскиот Црвен крст, информираат денеска од Општина Велес.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи ноќта на 16 март годинава починаа 59 млади лица, а потоа на повредите им подлегнаа уште тројца, кои беа на лекување.

Во пожарот беа повредени околу 200 млади лица, некои потешко, некои полесно. Голем дел од повредените сè уште се на лекување во клиниките во земјава и странство и на нивните семејства им е неоходна финансиска помош и поддршка до нивно целосно излекување и закрепнување.