Skip to main content
Македонија

140.800 Македонци живеат со дијабетес – годишно се откриваат 7.500 нови случаи

22/04/2025  15:54


Согласно најновите податоци за преваленцата на дијабетес кај населението на возраст од 20 до 79 години, во 2024 година во Македонија се регистрирани вкупно 140.800 лица со дијабетес. Според Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, бројките укажуваат на стабилен но континуиран пораст, со просечно 7.500 новодијагностицирани случаи годишно.

Иако трендот се стабилизира, од Сојузот предупредуваат дека овие бројки се сериозен индикатор за потребата од засилени мерки – превенција, рана дијагноза и едукација. Проблемот дополнително се продлабочува со фактот што се повеќе млади лица се соочуваат со ова хронично заболување, што ја нагласува неопходноста од пошироки скрининзи и здравствени кампањи.

„Ситуацијата бара континуирано инвестирање во достапност на терапија, модерни помагала, како и институционална поддршка за сите кои живеат со дијабетес“, велат од Сојузот.

Дополнително, новите податоци ќе послужат како темел за осовременување на националните стратегии за борба против хроничните заболувања, со фокус на јавни здравствени кампањи, подобра дијагностика и пристап до медицински услуги.

Од Сојузот повикуваат на долгорочна и структурна поддршка од страна на здравствените власти, со цел спречување на натамошен раст и подобрување на квалитетот на живот на лицата со дијабетес.