Skip to main content
Свет

За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

19/04/2025  19:36

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.

– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.

Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.

Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.

– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.