
Левица остро реагира на долгогодишната системска политика на деградирање на државните енергетски претпријатија преку занемарување на стручните кадри кои со децении ја носат оваа клучна дејност на своите плеќи.
Станува збор за свесна стратегија — платите во енергетскиот сектор намерно не се зголемуваат согласно реалните трошоци на живот, додека на сите други места истите растат. Зошто? За приватните фирми да можат лесно да ги „преземат” овие кадри, во кои државата веќе има инвестирано време, пари и знаење.
Овие состојби не се случајни. Тие се резултат на политиките што ги водат оние кои во моментов управуваат со секторот енергетика, и кои добро знаат дека кадарот кој го напушта државниот сектор на крајот, преку приватни компании, повторно ќе работи за потребите на државните енергетски компании, но овој пат за далеку повисоки суми, преку тендери, консултантски договори и надворешни соработки. Така, државните фирми наместо да ги задржат и мотивираат своите најдобри стручњаци, завршуваат со тоа што ги преплаќаат истите – но преку приватни канали. Со тоа, јавниот систем се претвора во инструмент за профит на приватни интереси на блиски соработници на владејачката гарнитура.
Понудите што ги добиваат стручните лица од приватните компании, во споредба со мизерните услови во јавниот сектор, се драстично повисоки. И токму затоа, сведоци сме на масовна миграција на квалитетниот стручен кадар од државните фирми кон приватниот сектор.
Оваа состојба е алармантна. Ако дозволиме државната енергетика да остане во рацете на некомпетентни, партиски вработени и вработените по основ на рамковна распределба – тогаш не само што ќе се соочиме со колапс на системот за одржување на мрежата, трафостаниците, балансирањето на електроенергетскиот систем и одржувањето на производствените капацитети, туку и со целосна загуба на суверенитетот врз енергетските ресурси.
Дополнително, загрижува фактот што голем дел од стручниот кадар кој сѐ уште ја одржува стабилноста на системот е во поодминати години и наскоро ќе замине во пензија. Наместо да се вложува во пренесување на нивното знаење на млади инженери и да се работи систематски на подмладување на стручните кадри, власта дозволува младите инженери да заминуваат во приватниот сектор или надвор од државата. На хоризонтот се наѕира генерациска празнина која ќе ја чини државата скапо – и технички и безбедносно.
Левица бара итно:
Зголемување на платите на стручните кадри во државните енергетски компании;
Запирање на злоупотребите преку надворешни договори и тендери;
Воведување на јасна стратегија за задржување и развој на домашен кадар;
Отфрлање на партиската и етничката логика при вработувања во стратешки сектори.
Доколку и последните стручни кадри заминат, тогаш енергетската стабилност и иднината на државата ќе бидат препуштени на аматери и политички кадри, во полза на интересите на енергетските олигарси.