Skip to main content
Балкан

Централната банка на Црна Гора поднесе барање за приклучување кон шемата за плаќање СЕПА

14/04/2025  18:00

Централната банка на Црна Гора денеска официјално поднесе барање до Европскиот платен совет за приклучување кон платните шеми на Единствениот платен простор во евра – СЕПА.

„Овој потег е еден од клучните оперативни и технички чекори во процесот на миграција кон СЕПА платните системи и овозможување побрзи, поевтини и посигурни меѓународни плаќања од Црна Гора почнувајќи од 6 октомври 2025 година, денот кога Европскиот совет за плаќања (ЕПС), како чадор тело на СЕПА, го предвиде како Ден на оперативна подготвеност“, се вели во соопштението.

Централната банка на Црна Гора нагласува дека поднесувањето на апликацијата на самиот почеток на рокот определен од ЕПС за овој процес го потврдува стратешкиот пристап на Централната банка на Црна Гора и подготвеноста на системот да се приклучи кон шемите за плаќање СЕПА, како и високото ниво на техничка и регулаторна подготвеност, како и ефикасна координација со домашните банки и европските институции.

„ЦБЦГ во наредните месеци ќе продолжи со интензивни активности, координација и управување со процесот со цел целосно да го подготви банкарскиот систем за 6 октомври 2025 година, за од тој ден да може да се вршат меѓународни трансакции од и кон Црна Гора во согласност со правилата ЕПС и СЕПА“, соопшти Централната банка.

Црна Гора стана членка на географската област СЕПА на 21 ноември 2024 година. Ова му даде право на црногорскиот банкарски систем, предводен од Централната банка, да го започне процесот на приклучување кон шемите за плаќање СЕПА, кој вклучува техничка и регулаторна подготовка и формална процедура за аплицирање според ЕПС .

„Денешната апликација од Централната банка на Црна Гора се однесува токму на тој чекор – приклучување кон конкретни шеми СЕПА, што е неопходен предуслов за овозможување меѓународни плаќања во СЕПА формат“, соопшти Централната банка на Црна Гора.

Приклучувањето кон СЕПА системот претставува значаен чекор кон зајакнување на финансиската интеграција на Црна Гора со Европската Унија, придонесува за поконкурентен, безбеден и ефикасен систем на плаќање и дополнително ја зајакнува довербата на граѓаните, инвеститорите и партнерите во стабилноста и модернизацијата на црногорскиот финансиски сектор.