Бугарија ја поддржува интеграцијата на Албанија, но услов се правата на малцинствата

Бугарскиот претседател Румен Радев изрази силна поддршка на својата земја за Албанија на европски пат.

Сепак, Радев, кој е во дводневна официјална посета на Албанија, како што наведе агенцијата „АТА“ рече дека почитувањето на правата на малцинствата е услов за поддршката.

„Мојата посета се случува во важно време. Веруваме дека Албанија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ. Ние разбираме дека процесот е комплициран и долг, но ние сме подготвени да обезбедиме помош “, рече Радев на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Илир Мета.

Кога станува збор за правата на националните малцинства, Радев рече дека тие треба да бидат слободни и да ги уживаат нивните права, а ова е еден од бугарските критериуми за поддршка.

„Убеден сум дека ќе бидеме сведоци на успешно усвојување на законот и спроведување попис каде сите ќе бидат слободни да ја изразат својата националност“, рече Радев.

Двајцата претседатели разговараа за можностите за зајакнување на економската соработка, како и за повторно воспоставување на авионска линија помеѓу Тирана и Софија.

Бугарскиот претседател утре ќе посети делови од Албанија погодени од катастрофалниот земјотрес.

Треба да знаете
Последни објави