Водач на секта се извини поради ширење на коронавирусот со кој заразиле 2.000 луѓе во Јужна Кореја

Лидерот на тајната јужнокорејска секта поврзана со повеќе од половина случаи на коронавирус во Јужна Кореја денеска се извини за ширењето на болеста. Молитвата за прошка од водачот на сектата Шинхонџи, Ли Ман-Хе, се случи откако градските власти во Сеул најавија обвинение за убиство против него за несоработување со властите во спречување на епидемијата, јави агенцијата „Франс прес“.

Бројот на случаи во Јужна Кореја, каде има најголем број случаи надвор од Кина, се очекува да порасне по проверките на властите на повеќе од 26.000 луѓе кои се поврзани со сектата, која често пати е осудувана во земјата како култ.

-Сакам искрено да им се извинам на луѓето. Многу луѓе ненамерно се заразени, рекол 88-годишниот Ли со треперлив глас.

Тој двапати се поклонил на колена пред новинарите во Гапијонг.

-Барам прошка од луѓето. Многу сум благодарен и на напорите на владата. Барам прошка и од владата, рекол тој.

Властите во Сеул побараа од обвинителстото да покрене обвиненија вклучително и за убиство против Ли и 11 други лица откако сектата беше обвинета дека дала лажни списоци со членови на властите. Сектата од друга страна тврди дека нејзините членови се соочуваат со социјална стигма и дискриминација ако станат јавно познати.

Градоначалникот на Сеул, Парк-Вон-сун, рече дека ако биле преземени мерки на време епидемијата би можела да се спречи во провинциите Даегу и Северен Гјеонгбук.

Јужна Кореја денеска пријави уште 476 случаи со што вкупната бројка на заболени од коронавирус се искачи на 4.212, а бројот на смртни случаи на 22.

Треба да знаете
Последни објави