Продолжува дијалогот околу мерките за градење доверба меѓу Грција и Турција

Претстојниот Самит на НАТО и дијалогот за мерките за градење доверба меѓу Грција и Турција, се темите за кои телефонски разговарале министрите за одбрана на двете земји, Никос Панајотопулос и Хулуси Акар, соопштија од Министерството за одбрана на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

– За време на телефонскиот разговор на двајцата министри за одбрана стана збор за претстојната средба на министрите за одбрана на НАТО во Брисел на 12-13 февруари 2020 година, како и за продолжувањето на дијалогот за мерките за градење доверба што ќе се одржи во Атина меѓу 17-21 февруари 2020, соопштуваат од Министерството за одбрана на Грција.

Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека се отвора нов циклус разговори во рамките на мерките за градење доверба на техничко-воено ниво и изрази надеж дека ќе поминат непречено.

– Она што е важно, како што многу пати има кажано премиерот, е дека постојат отворени канали на комуникација, дури и во време на тензии, особено во период на тензии. Според тоа, разговорите со Турција се нешто кон кое секогаш се стремиме, секогаш во рамките на добрососедските односи и се надеваме дека позитивно ќе одат напред, да се изгради соодветна сплет на соработка и да престане турската провокација, рече Пецас.

Треба да знаете
Последни објави