Skip to main content
Хроника

Граѓаните на мета: Опасни измами во име на МВР

31/10/2024  16:25

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) известува за зголемен број измами во кои се користат фишинг-напади и лажно претставување во име на министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност. Главната цел на овие измами е прибирање на лични податоци или насочување на жртвите кон лажни веб-страници за понатамошна злоупотреба.

Фишинг-пораките обично пристигнуваат преку електронска пошта, но зачестени се и обидите преку социјални мрежи, СМС пораки или телефонски повици. Некои граѓани добивале известувања дека се предмет на правни постапки за измислени дела и се повикувани да контактираат со испраќачот преку апликации како Вибер или Телеграм.

Во одредени случаи, граѓаните добиле пораки наводно испратени од директорот на Бирото за јавна безбедност или министерот, во кои се тврди дека се под истрага и се бараат нивни лични податоци. Овие појави претставуваат класичен обид за измама, при што личните податоци може да се злоупотребат за разни криминални активности.

Секторот за компјутерски криминал апелира до сите граѓани да бидат внимателни и да не отвораат сомнителни пораки или линкови од непознати испраќачи. Препорачливо е да не се контактира испраќачот преку дадените линкови и да не се споделуваат лични податоци. Дополнително, предупредува дека ваквите измами често имаат меѓународна димензија и се забележани во други држави од регионот.

Со цел заштита од малициозен софтвер и измами, граѓаните се советуваат да не отвораат линкови и прикачени датотеки во сомнителни пораки и да ги пријават ваквите случаи во надлежните служби.