Вучиќ на средбата со Борел: Секоја идеја за компромис е убиена, но подготвени сме за дијалог

– Обновување на косовскиот дијалог и можноста за назначување специјален пратеник на ЕУ за разговоите меѓу Белград и Приштина беа во фокусот на денешните разговори во Белград меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и Високиот преставник на Европската унија, потпретседателот на Европската комисија и шеф на европската дипломатија Жозеп Борел, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ова е прва моја посета на Западен Балкан и сакав да го сторам тоа, затоа што за мене Западен Балкан е дел од Европа и повеќе од тоа, треба да биде дел од ЕУ, географски, културно, преку економски врски и што е најважно, заради аспирациите на граѓаните, кажа Борел, кој додаде дека затоа е дојден да го посети регионот, Косово и Србија, затоа што треба да се направи важна работа и разговорите треба да се обноват.

-Се надевам дека тоа ќе се случи наскоро. Кога тоа ќе се случи, ЕУ ќе биде подготвена да продолжи со посредување во дијалогот, рече Борел, кој истакна дека не е на ЕУ да одлучува каков ќе биде исходот на дијалогот, туку тоа е до Србија и Косово, а ЕУ мора да биде повеќе вклучена во медијацијата отколку во последните месеци.

-И затоа разговарав со Вучиќ за пригодноста да ЕУ номинира посебен преставник, кој ќе помогне во посредување на дијалогот, кажа Борел, додавајќи дека и тој ќе биде вклучен.

Српскиот претседател истакна дека Борел повторил дека „без решение во дијалогот со Приштина, европската перспектива нема да биде изгледна, и дека Србија мора да работи на компромисни решенија.

-Ние можеби имавме некоја шанса пред неколку години, но секоја идеја за компромисно решение е речиси убиена, потенцираше Вучиќ. Сепак тој е категоричен дека е потребно да се постигне компромис, иако, според него, сега е невозможно да се постават нештата на ист начин како порано. – Дури и не гледам како тој компромис во иднина може да изгледа, но подготвени сме, по укинувањето на таксите,  да седнеме и да разговараме за сите суштински прашања во односите меѓу Белград и Приштина, изјави Вучиќ.

Тој кажа дека го замолил Борел ЕУ да направи нешто што е надвор од вообичаените правила, мислејќи на иницијативата „мал Шенген”.

-Во иднина, ЕУ да разгледаат некои решенија, кои ќе бидат поинакви, што му го кажав на францускиот претседател Емануел Макрон, да разгледаат какви се решенија имаат донесено после Солун, ако неможеме веднаш во ЕУ, да се види дали може да немаме граници со ЕУ и да немаме граници помеѓу себе, што ќе им значи на граѓаните, на стопанството, на економијата.. за се ова што почнавме да го работиме во рамките на иницијативата „мини Шенген”, да работиме со ЕУ на отварање на границите и да и ние видиме корист, секако паралелно со европскиот пат, кажа Вучиќ.

– Тоа му го кажав и на (францускиот претседател Емануел) Макрон…ако не можеме веднаш во ЕУ, да се разгледа можноста да немаме граници со Унијата и меѓу себе. Потребно е да работиме на сè што почнавме во рамки на „мини Шенген”, да работиме со ЕУ на отворање на границите кон земјите од Шенген-зоната, па нашите луѓе да видат директна и конкретна помош, потенцираше српскиот претседател.

Тој оцени дека во ЕУ има простор да се размислува за сето ова да не оди технократски, како досега.

Треба да знаете
Последни објави