
– Секретарот на рускиот совет за безбедност Сергеј Шојгу се сретна во Пјонгјанг со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Руските медиуми објавија дека за време на состанокот со Ким, секретарот на рускиот Совет за безбедност доставил порака од претседателот Владимир Путин, кој ветил дека ќе посвети „најголемо внимание“ на спроведувањето на договорите постигнати за време на нивниот последен самит во Пјонгјанг минатата година.
Шојгу ја потврдил „безрезервната подготвеност“ на Москва да се придржува до договорот за стратешка соработка, кој предвидува взаемна поддршка доколку едната страна биде подложена на агресија.
Разговорот на Шојгу и Ким траел повеќе од два часа и се осврнале на различни прашања, вклучувајќи ја војната во Украина, дијалогот на Москва со администрацијата на Доналд Трамп и безбедносната ситуација на Корејскиот полуостров. Засега руските медиуми не објавија дали Шојгу и Ким постигнале некакви договори.
Рускиот политичар ја посети Северна Кореја откако Киев и Москва во средата изразија начелна согласност за ограничен прекин на огнот. Овој став беше изразен откако Трамп разговараше со лидерите на двете завојувани страни, иако се уште не е јасно кога ограничениот прекин на огнот ќе стапи на сила и каков ќе биде неговиот опсег.
Северна Кореја испорачува огромно количество конвенционално оружје за Москва, а минатата есен исто така испрати меѓу 10.000 и 12.000 војници во Русија, според американските, јужнокорејските и украинските разузнавачки агенции. Кон крајот на февруари, јужнокорејското разузнавање соопшти дека се чини дека Северна Кореја испратила дополнителни трупи во Русија. Според некои јужнокорејски медиуми станува збор за меѓу 1.000 и 3.000 луѓе.
Јужна Кореја, САД и други земји се сомневаат дека Северна Кореја добива економска и воена помош од Русија во замена за оружје и војници. Многу експерти предвидуваат дека Пјонгјанг може да ја зајакне својата поддршка за Москва за да извлече што е можно повеќе придобивки од неа пред крајот на војната.
Според некои набљудувачи, посетата на Шојгу може да биде поврзана со можна посета на Ким на Русија. Во јуни минатата година, Путин го посети Пјонгјанг и потпиша сеопфатен билатерален одбранбен договор со Ким. Тогаш шефот на руската држава го покани севернокорејскиот лидер во Москва.
Еден ден пред пристигнувањето на Шојгу во Пјонгјанг, Ким набљудувал тестови на нови противвоздушни ракети. Ова е шеста проба на оружје на Северна Кореја оваа година. Истиот ден, САД и Јужна Кореја ги завршија своите годишни воени вежби „Штитот на слободата“, кои Северна Кореја ги гледа како проба за инвазија.