Skip to main content
Македонија

Тошковски вели истрагата ќе се шири – Кривични пријави за 34 физички и три правни лица

21/03/2025  15:15

Кривични пријави се поднесени против 34 физички и три правни лица за кривични дела: „тешки дела против општата сигурност“ во врска со предизвикување општа опасност, при што едно лице е пријавено и за примање поткуп, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

– Поднесени се две кривични пријави против вкупно 34 физички лица и три правни лица за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со предизвикување општа опасност по член 288 од КЗ, при што едно лице е пријавено и за примање поткуп по член 357 од КЗ, рече Тошковски.

Во врска со тоа дали истрагата може да се шири на повеќе лица Тошковски одговори дека апсолутно ќе се шири бројката доколку има докази за други инволвирани лица.

-МВР веднаш ги активираше сите капацитети. Од обезбедување на местото на трагедијата, евакуација и извлекување на повредените, регулација на сообраќај, се до логистичка поддршка за нивниот транспорт и лекување, како во земјава така и во странство. Над 250 лица беа брзо и безбедно транспортирани до болниците низ државата, а над 100 лица до граничните премини. Веднаш беа изработени итни патни документи, како за повредените, така и за нивните најблиски кои патуваа со нив. Во исто време, полициските структури останаа посветени на истражните дејствија и расветлување на случајот, дејствувајќи со емпатија, дисциплина и професионалност, рече Тошковски.

Тој им се заблагодари на сите институции и здравствените работиници, докторите, болничарите, волонтерите од Црвен крст, луѓето од ЦУК, пожарникарите, обвинителите и тимот на обвинителството. Посебно се заблагодари на меѓународните пријатели кои дадоа помош и поддршка за повредените.

-На овој ден кога болката уште силно одекнува, но чувството за одговорност обврзува на дејствување, се обраќам до јавноста со една клучна порака: Македонија мора да победи во битката со системската корупција која одзеде 59 млади животи. Кога се случи сето ова, со болка во душатапотенциравме дека нема да има компромиси со правдата, ветивме дека ќе има брза и ефикасна и праведна истрага. Многумина избрзаа со заклучоци, некои со право се сомневаа, а некои сакаа да ја искористат оваа трагедија и за други цели. Некои се обидуваа да судат и да бидат обвинители, истражители, морален суд иако ги немаа фактите. Јас сум благодарен на сите оние кои искрено и со душа и преку јавни ткстови, критики, отворање на дилеми и совети се присутни во јавноста, рече тој.

Тошковски рече дека е благодарен на народот во Македонија за трпението кое го покажува, заедништвото и слогата која ја демонстрира во овие судни, траорни и трагични моменти за Македонија.

Тој не се согласува со информацијата дека актуелни вработени во МВР на одредени позиции или во другите институции не се дел од истрагата или дека нема осомничени.