
Кај сите 59 настрадани во пожарот во Кочани причината за смртта е насилна и е настаната заради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката „Пулс“, информираше денеска првиот човек на Судска медицина, Александар Станков околу обдукцијата на телата на сите починати во дискотеката.
„Обдукциите започнаа во вечерните часови на 16.03 а завршија во претпладневните часови на 18.03. Паралелно со обдукциите, беше собиран и материјал и беше вршена идентификација на жртвите. Првичната идентификација беше вршена во болниците каде што беа жртвите, но со помош на препознавање и врз основа на лични докуметни од починатите. Во услови на стрес тие методи не се доволно доверливи и може да се случат грешки, намерни или ненамерни“, посочи Станков.
Додаде дека од нивна страна се направени две методи, идентификација со помош на ДНК и со помош на дактилоскопија.
Во текот на месец март, рече тој, се очекува да бидат завршени сите извештаи во врска со направените обдукции. Ќе биде потребно време за токсиколошките анализи.
„Јаглерод моноксид е многу опасен гас. Смртта може да настане многу брзо, во зависност од концентрацијата. Во тој простор со таков чад, многу брзо може да настане смрт и ги онеспособува жртвите да бегаат. Неможност за движење. Според макроскопскиот наод, кај најголем дел од нив има јаглерод моноксид. Најчесто кога имаме вакви случаи, не во волкав број, зимно време имаме вакви случаи и лицата се пронајдени или во кревет или до вратата, обидувајќи се да избегаат“, кажа Станков.