
Развиените европски земји веќе неколку години го препознаваат таканаречениот „burnout“ или – прегорување, како професионална болест. А пак, според стручните истражувања, тоа се јавува како последица на континуиран стрес на работното место и не е поврзан со други нарушувања. Координаторката за медицина на трудот во БиХ, проф. д-р Нурка Прањиќ за „Аваз“ објасни како настанува синдромот на прегорување.
– Тоа (нарушување) се смета за професионален синдром којшто се јавува на работното место. Се случува кога едно лице е изложено на психосоцијални фактори на опасност што може да бидат поврзани со прекумерни работни барања коишто не можеме да ги исполниме или со некои работни задачи што не се во доменот на надлежноста на лицето што работи, а претставуваат секојдневна изложеност. Потребни се најмалку шест месеци за лицето да развие симптоми. Понекогаш луѓето си создаваат стрес и со тоа што се претерано одговорни и сакаат да ја завршат работата, а многу често и немаме дефинирани работни задачи, изјави д-р Прањиќ.
– Со текот на времето, човекот физички и емоционално се исцрпува и почнува да се менува. Има тешкотии во комуникацијата со луѓето, тешкотии да го задржи вниманието, особено во професиите каде што се работи со луѓе и може да направи грешки, а некои од нив може да бидат и смртоносни, на пр., во медицината. Потоа, таа личност почнува да се менува кон луѓето, што се нарекува обезличување и перцепција на „ниски лични достигнувања“ до тој степен што (тој/таа) станува рамнодушен(-на) кон другите луѓе, или нема разбирање и емпатија, додаде босанската лекарка.
Покрај тоа, според неа, се случува омаловажување на своите лични достигнувања и чувство дека „не сме постигнале ништо важно“ во животот.
– Тоа се промени на ментално ниво, но симптомите се јавуваат и на физичко ниво. Таа личност се чувствува уморна, склона е на зарази, има промени во срцевиот ритам, хипертензија, а може да развие и метаболички проблеми како дијабетес. На когнитивен план, човекот не е ефикасен и функционален на работа, ја губи мотивацијата и задоволството од работата, а подоцна се изолира себеси и навлегува во рана депресија, којашто може да прерасне во вистинска депресија, нагласи д-р Прањиќ.
Таа смета дека во борбата против ова нарушување, важна е улогата на психолозите и лекарите на трудот, кои се стручњаци за овој проблем.
– Мора да развиеме и супспецијализации и специјализации, како и Центар за ментално здравје на работниците, за да го спречиме развојот на синдромот. Бројни професии имаат ризик од над 50 отсто да развијат синдром на прегорување, рече д-р Прањиќ.
Тука спаѓаат здравствените работници, новинарите, просветните работници и луѓето во услужните дејности, како изложени на најголема опасност. Зачестеноста, пак, во одредени професии зависи и од дополнителни стресови.