
Трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица, покрена сериозни прашања за начинот на кој институциите, пред сè полицијата и Министерството за внатрешни работи (МВР), го менаџирале настанот. И покрај обидите од страна на министерот Панче Тошковски да ја насочи истрагата кон претходната власт, фактите покажуваат дека полицијата имала значајна улога во безбедносните пропусти кои доведоа до несреќата. Оваа анализа ги разгледува клучните недостатоци во организацијата и безбедносните мерки на настанот.
Недостаток на план за обезбедување на настанот и присуство на малолетни лица
Министерот Панче Тошковски повеќепати спомнува дека полицијата била присутна во објектот. Кога полицијата е присутна, мора да има изготвен план, согласно кој се постапува организирано и заедно со УЈП, Пазарна инспекција и Трудова инспекција. Дополнително, кога се врши контрола за присуство и точење алкохол, задолжително е присутна и Крим техника и униформирана полиција и доколку се констатира дека во објектот има малолетници, се гасне музиката, се прекинува настанот, се легитимираат малолетните лица, а Крим техника врши увид дали е точен алкохол, се фотографира евентуалното присуство на алхохол на масите и се повикуваат родителите да си ги земат малолетниците и се поднесува соодветна пријава. Покрај точење алхохол на малолетници, забрането е и присуство на малолетници после полноќ, Во овој случај имало малолетници, имало полиција, а не знаеме со кои насоки за постапување и зошто малолетните лица не биле третирани воопшто. Но, концертот не е прекинат и не се преземени никакви мерки спрема малолениците. Исто така, МВР мора да преземе мерки доколку констатира поголем број присутни од дозволеното.
Во случајот, полицијата не подготвила официјален план за обезбедување на настанот, што е стандардна процедура при јавни собири со голем број посетители. Овој пропуст значително ја намалил способноста за контрола и управување со ризици, особено во случај на итни ситуации.
Непостоење на план за проценка на ризик
Еден од клучните елементи за успешна организација на масовни настани е планот за проценка на ризик, кој во овој случај очигледно недостасувал. Ваквиот план треба да содржи: Прецизно одредување на бројот на полициски службеници на терен, ангажирање на потребниот број возила за брза интервенција, присуство на екипи за итна медицинска помош, обезбедување на пожарникарски единици, организација на паркинг просторот и воспоставување на безбедносен периметар.
Со оглед на тоа што настанот не бил пријавен, но од оперативните сознанија поткрепени со јавни пораки полицијата имала прецизни и релевантни сознанија за одржување на поголем настан/концерт, овие мерки требало да бидат задолжителни, но не биле спроведени во целост.
Оперативни сознанија без конкретни мерки
Според информациите, полицијата имала оперативни сознанија за настанот и за бројот на посетители, но немала официјално известување ниту подготвила комплетен безбедносен план. Стандардните процедури во вакви случаи вклучуваат 1) формирање на оперативен штаб најмалку во ОВР Кочани, 2) Комуникација со сите СВР за можни ризици и присуство на организирани групи и 3) Превентивно зголемување на полициското присуство
Овие чекори не биле преземени, што укажува на недостаток на координација и организација.
Вршење на соодветна контрола и превземање на соодветни активности од страна на МВР би резултирала со следното:
1. Прекин на концертот поради присуството на малолетници
2. Прекин на концертот поради употреба на пиротехника
3. Барање на соодветна лиценца или пак одобрение за продолжување на работното време
4. НЕИЗБУВНУВАЊЕ НА ПОЖАР ВО КОЈ ЖИВОТОТ ЌЕ ГО ЗАГУБАТ НАЈМАЛКУ 59 ПОСЕТИТЕЛИ
Трагедијата во Кочани отвора суштински прашања за одговорноста на институциите во управувањето со масовни собири. Недостатокот на соодветен безбедносен план, како и отсуството на конкретни превентивни мерки, ја доведуваат во прашање ефикасноста на полицијата во заштитата на јавната безбедност. Во оваа фаза, одговорноста не треба да се префрла, туку да се утврди преку темелна истрага за да се избегнат слични трагедии во иднина.