Skip to main content
Балкан

Вучиќ: Голем протест, силен гнев, но власта останува цврста

15/03/2025  23:12

Српскиот претседател Александар Вучиќ го коментираше денешниот масовен протест во Белград, признавајќи дека огромен број луѓе дошле од внатрешноста на земјата. Тој изјави дека протестот бил полн со негативна енергија и силен гнев насочен кон власта, но нагласи дека, и покрај тензиите, немало жртви или тешко повредени лица.

„Вкупно 56 лица се повредени, но ниту еден потешко. Ова е добра и одлична вест. 22 лица се уапсени за имотни деликти, напади врз полицајци и други лица“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека сите кои направиле штета на приватен имот ќе мора да одговараат и да ја надоместат причинетата материјална загуба. Според него, веќе во раните утрински часови очекувал инциденти, па му наложил на полицискиот директор да биде подготвен.

„Кога ќе се стемни, тие ќе сфатат дека не се случило ништо од она за што фантазираа и сонуваа. И токму тоа се случи“, изјави Вучиќ.

Претседателот нагласи дека е горд на студентите кои протестираа, велејќи дека 99% од нив не сакале инциденти и насилство.

„Не се согласувам со нивните политички дејствија, но ми е драго што видов дека овие млади луѓе, речиси сите, не сакаат да учествуваат во насилство. Кога почнаа првите инциденти и судири меѓу протестантите и опозициските активисти, студентите го напуштија протестот, сфаќајќи дека веќе немаат контрола врз него“, изјави Вучиќ.

Тој исто така ги демантираше тврдењата дека полицијата користела воздушни топови за растерување на демонстрантите.