Ирак мора да спречи напади врз американски бази, порачува шефот на Пентагон

Американскиот министер за одбрана Марк Еспер синоќа изјави дека разговарал со ирачкиот премиер Адел Абдул Махди за серија напади врз американски воени бази, барајќи од него да воспостави контрола врз ситуацијата.

Во изминатите неколку недели, беа извршени ракетни напади врз бази во кои се стационирани и припадници на коалицијата предводени од САД и досега никој не презеде одговорност.

– Ни треба нивна помош за да ја преземеме контролата врз безбедносната состојба и да обезбедиме стабилизација. Во исто време, ние го задржуваме правото на самоодбрана и ќе го искористиме, рече американскиот министер.

На прашањето кој ги извршил нападите, Еспер одговори: „Јас би се посомневал во Иран … но тешко е да се впери прст во кого било”.

Претходно, од кабинетот на ирачкиот премиер беше соопштено дека американскиот министер за одбрана го замолил Махди да преземе акција за да спречат напади врз бази во кои биле сместени американски трупи.

Ирачкиот премиер го предупреди Еспер дека еднострани потези може да имаат негативни последици, кои ќе бидат тешки за контрола и може да го загрозат суверенитетот на Ирак.

Абдул Махди поднесе оставка од премиер минатиот месец, по масовните антивладини протести. Оттогаш тој е само технички премиер.

Треба да знаете
Последни објави