Владата денеска на седница го усвои Предлог-буџетот за 2025 година кој носи стабилизација на јавните финаснии и екононски раст, со истовремена фискална консолидација. Обезбедивме повеќе пари за капитални расходи и развој, средства за навременa исплата и раст на пензиите и повисоки плати во образованието. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција на која го претстави усвоениот Предлог-буџет за 2025 година.
„Владата на седница денеска го усвои Предлог-буџетот за 2025 година со кој ги поставуваме темелите за стабилизација на јавните финансии и економски раст. Буџетот за 2025 година содржи политики и мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст“, рече министерката и додаде дека економскиот раст е проектиран на ниво од 3,7%, буџетскиот дефицит на 4% од БДП и инфлацијата на 2,2%.
Како што посочи вкупните приходи во Буџетот се планирани на 358,838 милијарди денари што претставува 13% раст во однос на оваа година. Порастот на приходите се темели на поефикасна наплата и борба со неформалната економија.
Вкупните расходи, додаде, се проектирани на ниво од 400,2 милијарди што претставува раст од 10% во однос на оваа година, додека дефицитот е на ниво од 4% или во износ од 41,350 милијарди денари и номинално е понизок за 3,3 милијарди денари во однос на оваа година.
„Со еден збор креиравме буџет којшто треба да носи вистински развој на државата. Капитални расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари кои бележат раст од 13% или 6 милијарди денари во однос на ребалансот на Буџетот за оваа година. На тоа го темелиме развојот, а тоа се огледува и од фактот што износот на капиталните расходи се повисоки од номиналниот износ на дефицитот. Она што е најважно е дека креираме решенија за да постигнеме вистинска реализација на капиталните расходи и да ја промениме состојбата од минатото. Тука ќе биде нашиот фокус и затоа ја сменивме и политиката. Политиката вели да поддржиме квалитетни проекти и проекти кои можат да се реализираат во брзо време и да дадат импут во економскиот раст“, потенцира министерката за финансии.