
Утре започнува Велигденскиот пост, кој трае 48 дена и е посветен на подготовката за најголемиот христијански празник – Воскресението Христово. Овој пост, познат и како Четириесетница, е најстрогата форма на воздржување, која опфаќа не само ограничувања во исхраната, туку и духовно прочистување.
Како се пости?
Во текот на Велигденскиот пост, храната е главно од растително потекло. Се пости на вода, освен во саботите и неделите, кога е дозволено масло (зејтин) и вино. Исклучок се одредени празници, како Благовец и Цветници, кога е дозволена риба, додека на Лазарева сабота се јаде икра.
Првите три дена од постот (тримери) некои верници практикуваат целосно воздржување од храна, а во среда, по литургијата, прво вкусуваат светена вода, а потоа примаат причест.
Духовно значење на постот
Велигденскиот пост не е само воздржување од храна, туку и време на духовно обновување. Тој вклучува молитва, покајание, исповед, добри дела и воздржување од лоши мисли, зборови и дела.
Во текот на овој период не се дозволуваат свадби и венчавки, а верниците се повикуваат да го контролираат гневот, да избегнуваат кавги, алкохол и други штетни навики.
Кој може да има олеснет пост?
Иако правилата на Велигденскиот пост се строги, во посебни случаи може да се добие благослов за ублажување. Ова важи за деца до 7 години, постари лица, болни, бремени жени, доилки, војници, затвореници и патници.
Постот, според народната мудрост, значи духовна храна за душата: „Кој пости – душата ја гости!“