Skip to main content
Свет

Штрајкот на Минхенскиот аеродром приземји 80 отсто од aвионите

27/02/2025  12:07

На аеродромот во Минхен почна дводневен штрајк на аеродромските работници, организиран од синдикатот „Верди“ поради спорот за платите во јавниот сектор.

Авиокомпаниите откажаа 80 отсто од планираните летови за денеска и утре, објави аеродромскиот оператор FMG на својата веб-страница.

Не е исклучено натамошно откажување на летовите, се вели во соопштението на аеродромот.

На аеродромот во Минхен, првично беа предвидени 830 полетувања и слетувања во текот на двата дена, но со 80 отсто откажани, ќе бидат опфатени повеќе од 1.300 авиони.

Аеродромот на југот на Германија е меѓу најголемите во земјата и се користи како секундарен центар за германската авиокомпанија „Луфтханза“ со седиште во Франкфурт.

Поради штрајк на аеродромот во Хамбург, исто така, се очекува денеска и утре да има прекин на летовите. „Верди“ вчера соопшти дека во штрајкот ќе се вклучат аеродромските работници, персоналот за одржување, ИТ секторот, службите за безбедност на аеродромот и транспорт на багажот. 

Штрајкот, кој треба да заврши утре на полноќ, се организира во време на колективни преговори меѓу вработените во јавниот сектор и локалните власти.

„Верди“ бара зголемување на платите за осум отсто и подобри услови за работа, вклучително и три дополнителни дена платен одмор.