
Соопштение на Левица:
На вчерашната надзорна расправа за аерозагадувањето беа изнесени загрижувачки податоци, меѓу кои и фактот дека граѓаните во Македонија дишат чист воздух само од 2 до 9 дена во годината. Дополнително, беше потенцирано дека смртните случаи поврзани со аерозагадувањето се и до 10 пати почести во споредба со европските земји.
Дел од нотираните проблеми:
• Државниот инспекторат за животна средина располага само со 17 инспектори на ниво на цела држава;
• Државата нема стратегија за мотивирање на нови кадри за инспектори во животната средина (ниските плати се фактор плус за дефицит или корумпираност кај овие кадри);
• Власта форсира законски измени на инспекцискиот надзор со кои дополнително инспекторите стануваат зависни од волјата на властите (кои често се во спрега со еко-мафијата);
• Судовите мерат зборови во решенијата на инспекторите кога треба да изречат санкција на загадувач и во голем дел само формално се отфрлаат ваквите пријави (без да се навлезе во суштината);
• Нема никаков протокол за контрола на енергенсите (како нафта и мазут) кои се горат, односно царинските органи немаат никаков капацитет за контрола при самиот увоз на енергенси;
• Потребно е враќање на акцизата за јаглен-КОКС, кој е поголем загадувач и од мазутот, а се користи како ефтин енергенс од страна на индустријата;
• Државните институции и болници кои се греат на мазут мора забрзано да транзитираат кон гасификација;
• Нема никаква правна одговорност за надлежните институции, кои законски се обврзани да донесат и да спроведат стратегии и планови за намалување на аерозагадувањето.
Дополнително беа посочени и следните критични точки:
• Македонија нема усогласена стратешка рамка за борба против аерозагадувањето, што резултира со фрагментирани, неусогласени и нецелосно имплементирани регулативи;
• Постоечкиот систем за мониторинг на квалитетот на воздухот е неефикасен и застарен, а голем дел од мерните станици не функционираат или даваат непроверени податоци;
• Јавните органи не мерат одредени загадувачки материи во воздухот, иако тоа е предвидено со закон;
• Индустриските капацитети не ги почитуваат највисоките стандарди за филтрација, што значително придонесува кон загадувањето на урбаните средини;
• Локалните инспектори за животна средина имаат намалени ингеренции, што го ограничува нивното дејствување во решавањето на еколошките проблеми;
• Постојат сериозни индиции за спрегата меѓу приватниот капитал и јавните институции, што доведува до репресија врз еко-активистите наместо нивна поддршка;
• Потребно е заострување на стандардите за емисии во сообраќајот, вклучувајќи строга контрола на издувните гасови и подобрување на квалитетот на горивото;
• Македонија дозволува увоз на одредени видови отпад за преработка или користење како гориво, но недоволната контрола води кон можни злоупотреби и дополнително загадување;
• Недостигот на независна акредитирана лабораторија за мерење на квалитетот на увезеното гориво и амбиенталниот воздух ја намалува контролата врз загадувањето;
• И покрај законските обврски, Македонија не е усогласена со европските стандарди за минимум квалитет на амбиенталниот воздух.
Клучни препораки:
• Воспоставување на јасна стратешка рамка со конкретни цели и рокови за борба против аерозагадувањето;
• Воведување механизми за правна и институционална одговорност за неносење или неспроведување на стратегиите за заштита на воздухот;
• Модернизација на системот за мониторинг, вклучително и зголемување на бројот на мерни станици и подобрување на нивната точност;
• Зголемување на меѓуопштинската соработка за поефикасно справување со загадувањето;
• Зголемување на човечките капацитети за инспекциски надзор и независност на инспекторите од политички влијанија;
• Намалување на зависноста од согорување на отпад преку рестрикции за увоз на одредени видови отпад и поттикнување на одржливи алтернативи;
• Гасификација во комбинација со обновливи извори на енергија како долгорочно решение за чиста животна средина.
Заклучокот од расправата е јасен – потребна е итна и системска акција за намалување на аерозагадувањето, подобрување на регулативите и засилена институционална контрола.