Skip to main content
Свет

Лидерите на ЕУ во посета на Киев по повод третата годишнина од руската инвазија врз Украина

24/02/2025  08:48

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и 21 член на Европската комисија, предводени од нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен денеска престојуваат во Киев, со цел да ја изразат непоколебливата поддршка на ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода, три години од почетокот на руската инвазија врз земјата.  

Кошта минатата недела најавувајќи ја посетата на Киев, потенцира дека нејзина цел е да се потврди „поддршката за херојскиот украински народ и за демократски избраниот претседател“.  

– Понеделник, 24 февруари, е трета годишнина од руската целосна инвазија врз Украина. Одлучив да бидам во Киев по овој повод, со Урсула фон дер Лајен, за да ја потврдиме нашата поддршка на херојскиот украински народ и на демократски избраниот претседател Зеленски, наведе Кошта во објава на Икс.  

Заменикот главен портпарол на Европската комисија, Стефан де Керсмакер, пак, во петокот изјави дека Фон дер Лајен и членови на Колеџот на комесари ќе престојуваат во Киев за „да ја изразат непоколебливата поддршка на Европа за борбите на Украина за слобода и независност“.   

Тој информира дека Фон дер Лајен ќе им средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого ќе копретседаваат со заедничка седница на Колеџот на комесари на ЕУ и Владата на Украина, на која, според најавите, ќе се разговара за „иднината на Украина како слободна, суверена и европска нација“.  

Претходно во текот на денот, предвидено е високите претставници на ЕУ да им оддадат почит на загинатите украински војници, како и на оние што се уште се борат на првите линии од фронтот против руската брутална агресија. 

Во најава на посетата на Киев, Европската комисија посочи дека во изминативе три години ЕУ цврсто стои на страната на Украина и ги презеде сите напори за да и обезбеди на земјата да се најде во позиција да постигне праведен и траен мир.  

– ЕУ ја поддржа финансиската стабилност на Украина и придонесе за меѓународните напори за руска одговорност за нејзините злосторства. Работеше и рамо до рамо со Украина на нејзиниот пристапен процес, за да се осигура дека иднината на земјата е во ЕУ. ЕУ е и најголемиот донатор на Украина до сега. Таа ги обучуваше војниците во земјата, ја финансираше испораката на оружје и воведе строги санкции, се додава во најавата.  

Во пресрет на годишнината од стартот на руската агресија врз Украина, вчера на јарболите пред седиштата на Европската комисија и на Европскиот парламент во Брисел, покрај европските беа истакнати и украински знамиња.  

– Утре се навршуваат три години откако Русија ја започна својата целосна инвазија врз Украина. Ден кој засекогаш ќе биде обележан со срам. Денеска го креваме украинското знаме пред нашето седиште. Се вее високо и гордо во срцето на Европа. Каде што припаѓа, објави по тој повод Фон дер Лајен на Икс. 

На 24 февруари 2022 година Русија изврши инвазија врз Украина започнувајќи го досега најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна, во кој загинаа стотици илјади војници и десетици илјади украински цивили. Во моментов Русија под окупација држи околу 20 отсто од територијата на Украина. Дополнително, поради конфликтот над 16 милиони Украинци ги напуштија своите домови, од кои околу осум милиони се внатрешно раселени лица во Украина, а речиси 8,2 милиони ја напуштија земјата со што се создаде најголемата бегалски криза во Европа по Втората светска војна.