Skip to main content
Свет

Поддржувачите на Калин Георгеску најавија протести во Романија

21/02/2025  11:18

Поддржувачите на независниот крајнодесничарски кандидат за претседател на Романија, Калин Георгеску најавија протести во Букурешт денеска и утре, барајќи да се одржи вториот круг од претседателските избори, јавуваат локалните медиуми, пренесе МИА.

Лидерот на националистичката опозициска партија „Алијансата за обединување на Романците“ (АУР), Џорџ Симион, кој го поддржува Георгеску, изјави дека добил дозвола за одржување на протест на Плоштадот на победата во Букурешт за денеска, 21 февруари.

„Видов многу ентузијасти кои сакаат да протестираат. Имаме дозвола за Плоштадот на победата и инсистираме да нема инциденти“, напиша Симион на „Фејсбук“.

Во меѓувреме, Георгеску повика на уште еден протест за утре на Плоштадот на уставот во Букурешт, доколку денеска Уставниот суд не го преиспита решението за поништување на изборите.

Ова ќе биде трет протест организиран од Георгеску откако судот на 6 декември 2024 година ги поништи резултатите од првиот круг, кој тој го доби.

Судската одлука се темелеше на разузнавачки извештаи според кои изборниот процес бил компромитиран и дека земјата била цел на „руски хибридни напади“. Москва негира какво било мешање во романските избори.