Skip to main content
Македонија

Николоски: Историски ден за Македонија, по 50 години почнуваме реални работи автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево

28/10/2024  14:10

Денеска Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски се во надзор на работата на автопатската делница Гостивар-Букојчани.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека конечно може да се види дека се работи на Коридорот 8 по две години ветувања од претходната влада.

– Денеска за нас ова претставува значаен момент бидејќи после две години, буквално после две години, ветувања и празни муабети денеска конечно може да се види нешто коешто треба да претставува дел од оној сон којшто го имаме како Влада, а тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност – рече Мицкоски.

Тој рече дека интензивирањето на работите на автопатот почнале уште со првиот контакт со раководството на компанијата „Бехтел“ во Вашингтон за време на Самитот на НАТО.

– Продолжија тука и гледате еве кога ќе се постигне заеднички, кога ќе има дијалог, кога ќе се разговара, може да се постигне и напредок. Тој напредок сите можеме сега да го видиме и јас сум навистина горд што сме денеска овде и што во периодот којшто следи ќе имаме уште многу пријатни и убави вести за вас, за македонската јавност и за македонските граѓани – рече тој.

Мицкоски најави дека во сабота ќе го посети и другиот дел од проектот на кој се гради, а тоа е делницата помеѓу Прилеп и Битола.

На настанот зборуваа и американската амбасадорка Анџела Агелер, вицепремиерот Изет Меџити и директорот на Државни патишта Коце Трајановски.

Автопатиштата од коридорите 8 и 10д кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ се во должина од 110 километри и чинат 1,3 милијарди евра, а треба да бидат завршени за 4 години.

Благодарам на сите, благодарам за присуството, навистина мислам дека имаме историски ден. Се работи за почетокот на автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево нешто за што се зборува преку 50 години, практично решавање на најтешкиот дел од она што треба да е автопат Скопје – Кичево – Струга – Охрид, коридорот 8 познатата Стража. Така што, првпат по 50 години почнуваат реални работи за изградба на овој автопат којшто ќе значи дека помеѓу главниот град на нашата држава и Охрид и Струга ќе се патува за некаде час и 20, час и половина. Целосно ќе го промени ова функционирањето на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите, рече министерот Александар Николоски.

Ваквата одлука е по 50 години и претставува историски ден за Македонија, истакна министерот Николоски.