Skip to main content
Балкан

Членови на анархистичката група Рувиконас фрлија летоци пред домот на новоизбраниот грчки претседател поради железничката несреќа

13/02/2025  11:55

Поради железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години, членови на грчката анархистичка група Рувиконас доцна синоќа фрлија летоци пред домот на новоизбраниот претседател на Грција Константинос Тасулас, обвинувајќи го за „прикривање на криминалот“, а портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис коментиаше дека сторителите се „претставници на најлошата верзија на фашизмот“, јави дописничката на МИА од Атина.

На летоците беше испишан слоганот „Тасулас гробар на Темпи“, а инцидентот се случи само неколку часа откако беше избран за претседател, додека пак од Рувиконас преку социјалните мрежи соопштија дека „интервенцијата“ била поради „валканата улога на Тасулас во прикривањето на криминалот кај Темпи“.

– Тасулас како претседател на Парламентот одигра своја, активна и свесна улога во закопувањето на случајот, коментираат од Рувиконас, додавајќи дека „шест месеци ги закопал предметите од предистражните постапки што стигнале во Парламентот“.

Портпаролот на грчката Влада соопшти дека „нападот од претставници на најлошата верзија на фашизмот врз домот на новиот претседател на Константинос Тасулас на денот на неговиот избор, со слогани на омраза, не плаши ниту еден демократски граѓанин“.

– Сепак, огромна вредност има опозициските партии да размислат каде води нивната тактика на токсичност и клевета, особено кога зборуваме за национална трагедија, соопшти Маринакис.

Рувиконас е активистичка анархистичка група од Атина, што постои веќе 12 години и стои зад низа инциденти како што се фрлање бои, летоци, кршење излози, прозорци, испишување слогани и сл.

На цели поврзани со внатрешно-политичките теми во Грција, но и дела насочени кон заштита на општествено загрозените и жртви на неправди.