![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/whatsapp-image-2025-02-10-at-12.33.38-1024x473.jpeg)
Соопштение за јавност на Општина Центар:
Понеделнички, дебармаалци пак се разбудија во неред – со преполни контејнери, разнесен отпад и непријатна миризба. ЈП „Комунална хигиена” и викендов потфрли и не ја заврши својата работа, оставајќи ја познатата локација кај „Круг” во Дебар Маало затрупана со отпад. Контејнерите што се наоѓаат веднаш до детската градинка „13 Ноември”, објект Парк и станбените згради околу беа преплавени со расфрлан смет. Екипите на Општина Центар веднаш интервенираа и го исчистија просторот околу контејнерите, со цел да обезбедат основна хигиена за жителите.
Паралелно, во Буњаковец е во тек расчистување на депонијата зад катната гаража. Со механизација се отстранува шут, стакло и друг отпад, со години складиран во оваа магацин- депонија од страна на несовесни лица.
Утринава, нашите хигиеничари започнаа и со чистење на улицата „Козара”во Капиштец, а потоа продолжуваат со други локации. Целта е да се подигне хигиената на повисоко ниво.
„Чистотата и хигиената во нашата општина се наш приоритет. Ќе продолжиме со акциите за да обезбедиме поквалитетна и побезбедна средина за сите наши сограѓани,” изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Акцијата за чистење под мотото „Центар не чека, Центар чисти”, е поттикната од непостапувањето на „Комунална хигиена”. Оваа акција ќе продолжи се додека нашиот Центар не стане чисто и безбедно место за сите граѓани.