Skip to main content
Македонија

Филиповска: Дијагнозата е најтешкото нешто кога е во прашање канцерот

27/10/2024  22:32

Во подкастот „Зрак“ со доктор Марина Вукашиновиќ, прв пат јавно за својата борба со канцерот на дојка зборуваше познатата водителка Лила Филиповска. 

Таа низ лично сведоштво се осврна од момент кога дознала дека има карцином на дојка, па се до процесот на лекување и конечно оздравување. 

За дијагнозата, Филиповска вели дека тоа е едно од најтешките нешта што еден пациент може да го чуе.

„Јас до последно се надевав дека ќе излезе нешто бенигно, некоја циста или нешто слично, некој аденом, но на крајот излезе тоа што излезе. Дијагнозата е најтешкото нешто што еден човек може да го слушне кога се канцерите во прашање, затоа што кога ќе се каже канцер, како да си кажал „ќе умреш, крај“. Драго ми е што можам да кажам дека не е така, дека во ова време имаме добри доктори. И јас самата си кажав: Ти се внесе во ова, ти ќе се извадиш“. И така и беше. Лежев, гледав во една точка и наеднаш станав, земав длабок воздух и си реков, што сега јас треба да направам? Значи кои се чекорите? Тоа е многу важно, да тргнеш по патот на лекувањето. Не треба да губиш време да корнеш коси, да се јавуваш на сто места па да бараш некој да те теши“ рече таа. 

Филиповска порача дека никој не треба да се откажува од борбата и дека со помош на докторите, на современото здравство, карциномот на дојка може да се излекува, но и дека треба многу волја и секако навремено преземање на потребните чекори.