Денеска во Неготино започна маршот „Стоп за сообраќајното насилство“. Истиот беше предводен од другарките на 22 годишната Фросина Кулакова од Неготино која на 29 јануари го загуби животот откако беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански Одреди од 20 годишниот Васил Јованов.
На протестот се обрати и сестрата на Фросина, Росица Кулакова која им се заблагодари на граѓаните за нивното присуство во голем број и за поддршката.
-Коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судскиот систем бидејќи тој има неприкосновена обврска да покаже и да докаже дека злоделата мора да бидат соодветно казнети. Бидејќи законодавецот предвидел многу поголеми казни од оние кои судот во пракса ги досудува. Дури тогаш секој од нас ќе знае и ќе размислува за последиците пред постапките. По историјата на девијатното односување на Васил, по тоа што не почитувал никаков авторитет а и самиот суд во пресудата заклучува дека изјавите му се манипулативни и има направено повеќе прекршоци претходно, него го прави исклучително опасен за нашето општество. Васил станува една темпирана бомба. Поради сето ова, доколку судијката му го продолжила притворот до правосилноста на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација тој само бил спроведен во затвор, мојата сестра Фросина денеска ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска Стојановска и од сите кои вмешале прсти во убиството на сестра ми. Правда за Фросина, рече Росица Кулакова.
Граѓаните се упатија кон гробот на Фросина, а нејзиниот татко Тодор Кулаков, се заблагодари на поддршката и порача дека борбата за правда ќе биде долга, но ќе се изборат.
На протестот, барајќи правда, дојдоа и блиски на претходно загинатите Михаела Стеваноска, Слободан Ангеловски, Ивица Цековски, Мите Танов и други, посакувајќи ова низ што минуваат, никому да не му се случи. Но, побараа и ревизија на сите сомнителни судски случаи.