Skip to main content
Свет

Европската индустрија за храна од инсекти остана со краток здив  

08/02/2025  14:08

Стартот на употребата на протеините од инсекти во прехранбената индустрија пред околу десет години беше повод за нашироко распространет ентузијазам и се очекуваше овие производи да обезбедат одржливо снабдување со храна за растечката популација во светот. 

Дополнително, кога во 2021 година ЕУ ја одобри продажбата на првиот прехранбен производ базиран на протеини од инсекти, се чинеше дека во Европа на повидок е нова индустриска гранка во подем. Но, денес нешто повеќе од три години подоцна, производителите на храна од инсекти се наоѓаат во тешка состојба и произлезе дека оваа индустрија имаше краток здив. 

Инсектите се извори на протеини кои содржат 13 до 77 отсто протеин по сува материја (тежина во грамови на остатокот добиен со сушење на 102 Целзиусови степени), а некои од нив може да се користат и како извор на маснотии со до 67,25 проценти липиди по сува материја. Инсектите, исто така, можат да обезбедат и омега-6, омега-3, железо и цинк. Кога станува збор за железото, пропорционално гледано инсектите даваат повеќе железо од другите главни извори на храна, на пример говедското месо. 

Првата фабрика за протеини и ѓубрива од инсекти во Европа, „Инсект“ беше отворена во северна Франција во 2021 година и набрзо прерасна во најголем производен капацитет во оваа индустрија во светот. Но, по успешниот старт, лани во септември компанијата западна во ризик на инсолвентност и покрена стечајна постапка. 

Во иста положба е и вториот по големина производител на протеини од инсекти во Франција „Агронутрис“, кој исто така е ставен во стечај. Најголемата фабрика за протеини од инсекти во Ирска, „Хексафли“ отиде во стечај уште во 2023 година и набрзо беше продадена. 

Според организацијата што ја застапува оваа индустриска гранка, Меѓународната платформа на инсекти за исхрана и добиточна храна (ИПИФФ), на ваквата состојба во секторот влијаат неколку фактори, меѓу кои пред се високите производствени трошоци на протеините од инсекти, севкупната економска клима, како и се построгите европски регулативи. 

Индустријата за производство на храна од инсекти е процентуално е една од најголемите потрошувачи на електрична енергија, имајќи предвид дека се потребни големи количества струја за одржување на неопходните температура и светлина за одгледување на инсектите. Дополнителен проблем е скапата храна за инсектите. 

ИПИФФ наведува дека на струјата и храната отпаѓаат речиси 90 отсто од трошоците за производство на протеини и ѓубрива од инсекти. 

Друг, проблем според ИПИФФ, е малата побарувачка на овие производи. – Европските потрошувачи прифатија да користат храна за домашни миленици на база на инсекти, но тоа не е случај и со храната за луѓето, која и натаму останува „предизвик“ во Европа, наведува ИПИФФ. 

Така, беше предвидено фабриката „Инсект“ да произведува по 200.000 тони жолти црви годишно за човечка исхрана. Но, кога понудата на овој прехранбен продукт „не помина“ на пазарот, „Инсект“ во 2023 година ги преориентира жолтите црви во храна за домашни миленици. Сепак, според весникот „Ехо“, компанијата 2023 година ја завршила со нето загуба од 80 милиони евра. 

Според ИПИФФ, ЕУ би можела да го спаси секторот со измена на некои регулативи со што би се прошириле неговите можности на пазарот, како, на пример, да се дозволи изметот од инсекти да им се продава на фармерите како ѓубриво или да се користи за добивање биогас. Дополнително, секторот бара ЕУ да дозволи хранење на инсектите со отпадоци од храна од супермаркети што содржат месо и производи од риба. 

Од друга страна, ИПИФФ ги охрабрува и самите компании од овој сектор да го „децентрализираат“ синџирот на производство, да се фокусираат на одредени сегменти и да воспостават локални партнерства, со цел да ја избегнат судбината на француските фабрики. 

– Ова би можело да вклучи надградба на копроизводи генерирани од земјоделско-прехранбените индустрии, кои потоа може повторно да се користат како супстрати за инсекти или како аутсорсинг за одгледување инсекти од локални фармери, наведува организацијата. 

Во тој правец тргна биотехнолошката компанија „Тебрио“, која во градот Саламанка во западна Шпанија ја изгради најголемата фарма за одгледување на инсекти во светот, која годишно би требало да произведува над 100.000 тони протеини и липиди од жолти црви. 

Сериозноста со која Унијата пристапува кон проблемот во оваа индустриска гранка се гледа и во одлуката на Полското претседателство со Советот на ЕУ на 24 април да биде домаќин на Конференција за употреба на протеини од инсекти во исхраната на животните.