Skip to main content
Македонија

Апелација денеска го осуди Васил Јованов со 3 години и 10 месеци затвор за претходно дело

07/02/2025  15:36

Апелациониот суд Скопје на нејавна седница одржана на 05.02.2025 година ја одби жалбата на обвинетиот Васил Јованов, додека ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје. Судот го преиначи решението на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година, во делот на кривичната санкција, утврдувајќи нова казна затвор за обвинетиот.

Според пресудата, за кривичното дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, обвинетиот Васил Јованов ќе биде осуден на казна затвор во траење од една година. Додека за истото дело во продолжение, утврдено според член 215 став 1 в.в. член 22 од Кривичниот законик, ќе му биде изречена казна затвор во траење од три години. Како резултат на ова, Јованов е осуден на единствена казна затвор од три години и десет месеци.

Од Апелациониот суд информираат дека оваа одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот, согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Исто така, Судскиот совет ќе спроведе внатрешна проверка за евентуални пропусти во претходните судски постапки, особено во однос на 20-годишниот Васил Јованов, кој е осомничен за предизвикување на трагичната сообраќајна несреќа на пешачки премин во која загина Фросина Кулакова. Претседателот на Судскиот совет, Камбовски, најави формирање на комисија која ќе ги испита забелешките изнесени во јавноста.

Во исто време, Обвинителството ја проширува истрагата и врши проверки во однос на улогата и влијанието на родителите на Васил Јованов. Скопската полиција ќе ги истражи нивните можни инволвираности, вклучувајќи дали им давале пари за да точи гориво или ако знаеле дека нема возачка дозвола, зошто му дозволиле да го управува возилото.

Во минатото, Јованов беше вклучен и во друга сообраќајна несреќа, пред две години, за која се спогоди со оштетената, уплатил казна и избегнал кривична одговорност.