Елизабет Олсен ја поддржува Скарлет Јохансон во тужбата против „Дизни“

Актерката Елизабет Олсен застана позади колешката Скарлет Јохансон во нејзината тужба против „Дизни“.

Sвездата на „Црната вдовица“ неодамна поднесе тужба против „Дизни“, во која тврди дека нивната одлука да го објават Марвеловиот филм на стриминг-сервисот „Дизни плус“ во исто време кога почна да се прикажува во киносалите ги прекрши условите на нивниот договор и негативно влијаел на нејзината плата.

Елизабет изрази загриженост за одлуката на „Дизни“ бидејќи смета дека тоа ќе влијае на бројот на луѓе кои одат во киносали, што може да предизвика затворање на малите кина.

“Загрижена сум за многу работи. Не сум загрижена во име на Скарлет, туку поради тоа што малите филмови нема да добијат можност да стигнат во кината,“ рече таа во интервју за „Венити фер“.

„Би сакала да гледам уметнички филмови во уметнички киносали. Луѓето треба да ги одржуваат овие кина во живот. И не знам како тоа функционира финансиски за кината, но се надевам дека постои некакво решение што поголемите компании можат да го одржат, па макар и само во Лос Анџелес. Се надевам дека ќе биде како порано кога студијата поседуваа киносали.“

Елизабет не мисли дека Скарлет има за што да се грижи, бидејќи актерката ја опиша како цврста.

„Мислам дека Скарлет е многу јака, и буквално кога прочитав за тужбата си реков: добро за тебе Скарлет!“

Треба да знаете
Последни објави