Општина Крива Паланка продолжува со успешните социјални услуги за нега и грижа на старите и изнемоштени лица, обезбедувајќи сигурност и поддршка за своите највозрасни сограѓани.
Со финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во висина од 29.000.000 денари, и оваа година ќе се реализира услугата за нега и грижа во домот за над 100 граѓани. Оваа услуга се спроведува во соработка со Општинската организација на Црвениот крст преку „Нега центар“, каде што 40 сертифицирани негуватели обезбедуваат персонализирана помош и поддршка.
Оваа иницијатива, која веќе четврта година се спроведува, се претвори во препознатлив и значаен социјален сервис за највозрасните, болни и осамени лица. Услугата им овозможува на корисниците да останат во своите домови, каде што се чувствуваат најбезбедно, додека професионално обучени негуватели се грижат за нивните потреби и им ја олеснуваат староста.
Општина Крива Паланка постојано вложува во развојот на социјалните услуги. Во 2024 година, од општинскиот буџет се издвоени 200.000 денари за обука на невработени лица за персонални асистенти и негуватели, со што бројот на сертифицирани негуватели во градот достигна 62.
Дополнително, активно се работи на проектот за изградба на дом за стари лица, што претставува уште еден доказ дека грижата за највозрасните останува врвен приоритет на општината.