Хутите прогласуваат лажна победа, вели министер од Јемен

Министерот за информации на Јемен, Муамар ал-Иријани ги обвини Хутите за прогласување на „лажна победа“ со цел да ја прикријат својата политичка дилема, пренесува агенцијата „Анадолија“.

Бунтовничката група во неделата објави дека извела напад близу границата со Саудиска Арабија, тврдејќи дека три воени бригади на непријателот се уништени.

„Хутите поддржани од Иран се обидуваат да шират пропаганда за лажната победа преку своите медиумски алатки во време кога тие секојдневно претрпуваат големи загуби во однос на машинерија но и војници“, изјави министерот ал-Иријани.

„Бунтовниците пропагираат победа со цел да ја прикријат својата политичка и воена дилема, а истовремено и да го подигнат разнишаниот дух на своите борци и да продолжат со војната за нивните раководители во Техеран“, додава ал-Иријани.

Хутите објавија видео-снимка на која е прикажан напад врз оклопни возила за кои бунтовничката група тврди дека ги уништила, а при тоа и убила стотици припадници на војската на Саудиска Арабија.

Министерот вели дека Хутите претрпеле големи загуби на сите фронтови ширум Јемен.

„Јеменската армија, со поддршка од страна на саудиската коалиција успеа да преземе стотици километри во провинциите Саада и Хаџа“, вели ал-Иријани.

Треба да знаете
Последни објави