Skip to main content
Македонија

МВР со детали: Запленети над 500.000 евра, оружје и дрога

03/02/2025  10:43

На 2 јануари 2025 година е реализирана голема меѓународна истрага координирана од ЕУРОПОЛ, македонската и српската полиција, а под раководство на надлежните јавни обвинителства. Во акцијата е сузбиена организирана криминална група инволвирана во фалсификување и пуштање во оптек на лажни пари на териториите на повеќе држави.

Истрагата утврдила дека од крајот на 2023 година до февруари 2025 година групата, составена од македонски и српски државјани, изработувала фалсификувани пари во специјално опремен стан во Скопје. Со помош на машини со гравирани плочи, кои имитирале сигурносни знаци на банкноти, биле произведувани лажни пари во различни апоени. Тие биле пуштани во оптек во Северна Македонија и Србија, а значителен дел од нив завршувал во Австрија, Германија, Романија, Словенија, Хрватска и Косово.

Во акцијата на територијата на Северна Македонија биле извршени претреси во Скопје, Велес и Прилеп, при што се уапсени 10 лица – девет од Скопје и едно од Велес. Запленети се околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 500 хрватски куни, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни и 25.000 руски рубљи. Исто така, откриени се CNC машина за изработка на калапи, калапи, жигови, валјаци за печатење, копии од банкноти, три пиштоли, една пушка, 140 куршуми, кесе со непозната прашкаста материја, мобилни телефони, СИМ картички, УСБ уреди и лаптопи.

Во истовремена акција во Србија се уапсени шест лица, членови на истата група, при што се запленети дополнителни 153.700 евра.

Истражните активности продолжуваат, а Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во текот на денот ќе поднесе кривична пријава против шест македонски и двајца српски државјани.