Skip to main content
Македонија

По скандалот со барање мито се огласија и од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола

29/01/2025  15:01

Соопштение од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола:

“Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола е запозната со случајот од страна на СВР -Битола и ги охрабрува истражните органи да постапат транспарентно и законито. Како Клиничка болница се оградуваме од постапката на посочениот доктор. Категорично сме против и силно ја осудуваме секоја намера на здравствен работник да оштети пациент на било кој начин и во било која форма. Во овој случај, итно е спроведена постапка за смена на докторот од раководната позиција во Болницата, а во консултација со Министерството за здравство и постапка за суспензија додека трае процесот на истражните органи, секако според важечките законски прописи!”, велат од болницата.

Полицијата вчера го привела М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола поради сомневање дека примил поткуп. За него е предложена и мерка притвор, бидејќи, според битолското обвинителство, постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.

-На 28.01.2025 во 17 часот во просториите на Клиничка болница Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик, односно дека по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од битолско, велат од МВР.

Појаснуваат дека кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава.

Основното јавно обвинителство Битола, пак информира, дека повело постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 3 и став 2 од Кривичниот законик.

-Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите, се вели во сопштението од Републичкото јавно обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.