Skip to main content
Економија

Божиновска – Колумбија: Соларни паркови и ветерници за енергетска стабилност 

24/01/2025  10:08

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, оствари средба со постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија, г-ѓа Рита Колумбија. На средбата се разговараше за тековните активности и проекти кои, со поддршка на организациите на ОН, се реализираат во земјата, при што беше нагласена одличната институционална соработка на сите нивоа.

Фокусот на дискусијата беше ставен на приоритетите во областа на зелената енергија, со акцент на развојот на обновливи извори и поддршката за проекти за енергетска ефикасност. Министерката Божиновска и г-ѓа Колумбија се согласија дека забрзувањето на инвестициите во соларни паркови, ветерни електрани и други зелени технологии е од суштинско значење за долгорочната енергетска стабилност на земјата и заштитата на животната средина.

Исто така, беше истакнато значењето на националните приоритети во одржливиот развој и нивната усогласеност со глобалните стандарди, особено во контекст на Целите за одржлив развој и Националната развојна стратегија.

Посебно внимание беше посветено на подготовките за големиот енергетски форум, кој ќе се одржи во Скопје во 2025 година под покровителство на Обединетите нации. Форумот ќе ги обедини водечките глобални експерти, владини претставници и компании, со цел да се разменат најдобрите практики за правична енергетска транзиција и намалување на зависноста од фосилни горива. Оваа иницијатива е значајна можност за нашата земја да се позиционира како регионален лидер во примената на обновливи извори на енергија.

Министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да ги засили напорите за реализација на стратешки зелени проекти, при што ја изрази својата благодарност за постојаната поддршка од Обединетите нации, која е клучен двигател за одржлив развој и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

На крајот од средбата, министерката Божиновска и г-ѓа Колумбија ја потврдија подготвеноста за зајакнување на соработката и на техничко ниво помеѓу агенциите на ОН и Министерството, со цел реализација на проекти од кои директна придобивка ќе имаат граѓаните.